|
 |
 |
|
| ЗА НАС / Историјат |
 |
Милиеуконтакт, холандска организација која ги поддржува еколошките движења во Централна и Источна Европа и Азија, во 2000 година ја започна својата програма во Македонија и воспостави тим од осум независни консултанти/тренери за спроведување на програмата за градење капацитети на еколошки организации во земјата.
Оваа прва програма беше насочена кон осум здруженија на граѓани кои работат на полето на животна средина и во нејзини рамки, преку обуки и консултации, се обработија различни теми од областа на институционалниот развој. Програмата беше дизајнирана на тој начин што еден консултант/тренер работеше со една еколошка организација за период од една година. Во тој процес, консултантите спроведуваа тренинг програми и даваа консултации базирани исклучиво на потребите на секоја од организациите, а во насока на нивниот организациски развој. |
Како дополнение на овие еден-на-еден консултации, тимот на консултанти/тренери организираше регионални и национални работилници и семинари за прашања кои беа од интерес на две или повеќе организации.
За време на спроведувањето на програмата, тимот на консултанти го согледа потенцијалот за понатамошен развој на своите услуги и потребата за работа на одржлива основа.
Во втората половина од 2003 година, тимот започна да работи на креирање одржлива група на консултанти/тренери. До крајот од годината сите неопходни формалности беа завршени и во почетокот на 2004 година тимот на консултанти го регистрираше здружението на граѓани КОЦКА – Мрежа на независни консултанти. Од тогаш, тимот на КОЦКА започна со давање консултантски услуги и обуки и на други клиенти.
Милиеуконтакт продолжи да ги користи услугите на КОЦКА и во нивниот следен проект што се реализираше во 2004 и 2005 година. Во негови рамки, КОЦКА им помагаше на организациите да одат еден чекор понапред во примената на вештините стекнати во претходниот период, односно да го промовираат активизмот во нивните локални заедници.
Како дополнение на директната имплементација на тренинг програмата на Милеиуконтакт, што на консултантите/тренери на КОЦКА им донесе практично искуство, тие континуирано добиваа поддршка од Милиеуконтакт за надградба на своите вештини преку учество во обуки за различни партиципативни техники за фацилитација, вештини за комуникација, кампањи, граѓански активизам и сл., спроведени од искусни меѓународни и домашни тренери.
Според евалуационите листи, кои се пополнуваат после секоја обука од страна на учесниците, евидентно е дека во последните две години КОЦКА стекна одлична репутација кај граѓанските организации и донаторската заедница во Македонија. Неколку меѓународни организации веќе покажуваат интерес за користење на услугите на КОЦКА за нивните програми во Македонија и поширокиот регион.
|
|
|